ЗАКОН
ЗА ПЛАЌАЊЕ НА РАТИ НА ДАНОЧНИ ДОЛГОВИ НА
ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ТРГОВСКИ ДРУШТВА ОСНОВАНИ
ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА , ОДНОСНО ОПШТИНИТЕ ИЛИ ГРАДОТ СКОПЈЕ
Член 1
Со овој закон се уредуваат постапката, условите и роковите на плаќање на рати на даночните долгови со состојба на 31 декември 2009 година на даночните должници јавни претпријатија основани од Република Македонија, општините или градот Скопје согласно со Законот за јавните претпријатија и на трговските друштва со ограничена одговорност и акционерските друштва кај кои единствен содружник, односно акционер е Република Македонија, односно општините или градот Скопје (во натамошниот текст: даночен должник).
Член 2
Постапката за плаќање на рати на даночниот долг уредена со овој заккон се однесува на даночниот долг на даночните должници од членот 1 на овој закон по основ на данокот на додадена вредност, данокот на добивка и персоналниот данок на доход со состојба на 31 декември 2009 година, освен долгот за месечни аконтации на данок на добивка за 2009 година и долгот за персонален данок на бруто плата за 2009 година.
Член 3
Плаќањето на рати на даночниот долг согласно со овој закон не се условува со гаранција за обезбедување на плаќањето.
Член 4
Плаќањето на рати на даночниот долг на даноците утврдени во членот 2 од овој закон се остварува врз основа на поднесено барање од даночниот должник.
Барањето од ставот 1 на овој член се поднесува до надлежната организациона единица на Управата за јавни приходи во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Во барањето од ставот 1 на овој член даночниот должник треба да го наведе износот на даночниот долг за секој вид а данок за кој се бара плаќање на рати и бројот на рати.
Кон барањето се приложува доказ од Централниот регистар на Република Македонија, како и од Централниот депозитар за хартии од вредност за акционерските друштва, со кој се потврдува дека даночниот должник е еден од субјектите наведени во членот 1 од овој закон.
Член 5
Во случај кога износот на даночниот долг на даноците наведени во барањето согласно со членот 4 од овој закон не се совпаѓа со износот на даночниот долг согласно со даночната евиденција на Управата за јавни приходи, ќе се изврши усогласување на состојбите меѓу Управата за јавни приходи и даночниот должник за што истите составуват записник.
Член 6
На даночниот должник кој поднел барање согласно со членот 4 на овој закон, во рок од пет дена од денот на приемот на барањето, Управата за јавни приходи донесува решение за плаќање на даночниот долг на рати (во натамошниот текст: решение) со кое ќе му дозволи плаќање на рати на даночниот долг по сите видови на даноци утврдени во членот 2 на овој закон, на најмногу 120 месечни рати, со грејс период од најмногу 36 месеци.
Грејс периодот од ставот 1 на овој член започнува да тече од денот на донесувањето на решението, а отплатата на месечните рати започнува да тече по истекот на грејс периодот.
Со решението од ставот 1 на овој член на даночниот должник ќе му се утврди правото на отпис на камата пресметана до 31 декември 2009 година на даночниот долг што го исплатил на рати и ќе му се утврди дека не се пресметува камата за времетраење на плаќањето на даночниот долг во условите утврдени согласно со решението.
Член 7
Даночниот должник е должен месечните рати да ги плаќа во роковите утврдени со решението.
Член 8
Доколку даночниот долг за некој од даноците утврдени со членот 2 на овој закон за кој се бара плаќање на даночниот долг на рати согласно со овој закон е предмет на постапка на присилна наплата или е во постапка на одложено плаќање согласно со Законот за даночна постапка, таквата постапка Управата за јавни приходи ќе ја запре со заклучок.
Член 9
Од денот на донесувањето на решението, доколку даночниот должник има повеќе платен данок или разлика на данок согласно со членот 45 од Законот за данокот на додадена вредност, износот на повеше платениот данок или разлика ќе се искористи за пребивање на долгот по основ на достасани и недостасани месечни рати утврдени со решението.
Член 10
На даночниот должник кој го исплатил даночниот долг по сите видови на даноци во целост, Управата за јавни приходи со решение ќе му изврши отпис на каматата пресметана до 31 декември 2009 година.
Член 11
Управата за јавни приходи решението за плаќање на даночниот долг ќе го укине, доколку:
а) даночниот должник во текот на грејс периодот има две достасани неплатени даночни обврски, настанати по донесување на решението за плаќање на даночниот долг на рати;
б) даночниот должник не изврши уплата на две последователни месечни рати за време на периодот на отплата на даночниот долг на рати согласно со решението и
в) даночниот должник не го отплатил даночниот долг заклучно со крајниот рок на плаќање, утврден во решението.
Во случај на укинување на решението поради причините наведени во точките б) и в) од ставот 1 на овој член, даночниот должник нема да го оствари правото на отпис на каматата нап латениот дел од даночниот долг.
Член 12
Доколку на кој било начин дојде до промена на сопственоста кај даночниот должник пред истекот на крајниот рок на плаќањето на даночниот долг на рати, плаќањето на даночниот долг продолжува да се врши според условите утврдени во решението.
Член 13
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".
|